Saturday, October 12, 2013

Мини Орео тортички

Овој рецепт го најдов на одличен блог за храна (прсти да излижеш), и веднаш ми текна на милион пригоди кога би можела да ги направам тортичкиве. Како на пример за родендени, семејни прослави, за собир со пријателите... Всушност, за добри тортички и не ви треба некој посебен повод или причина, нели?

Најпрво ги подготвувате мафините а потем и филот за нивна декорација. Вклучив и повеќе слики за дообјаснување на подготовката. А знаете што е најдобриот дел? Во секоја од тортичките се крие по едно Орео колаче за дополнително уживање на оние на кои ќе им го послужите десертот. Изненадете ги вашите најблиски!



За подготовка на мафините

Потребно:

12 лажици какао
450 г брашно
450 г шеќер
11 лажици сода бикарбона
1 лажица прашок за пециво
1 лажица сол
2 јајца
1 филџан вода
1 филџан хопла
3 кафени лажички масло
2 кафени лажички ванилин шеќер
10 калапи за мафини

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 250 степени. Поставете ги калапите за мафини (одберете калапи со средна големина, ни многу мали но ни многу големи), па на дното на секој калап ставете по едно Орео колаче.
Во еден сад измешајте ги какаото, шеќерот, брашното, содата, прашокот за пециво и солта. Промешајте. Потем додајте ги јајцата, водата, хоплата, маслото и ванилиниот шеќер. Целата смеса добро изматете ја додека не стане хомогена.
Во секој од калапите додајте од смесата, но не ги полнете до врв, доволно е да наполете ¾ од секој калап. Како што ќе се печат мафините ќе растат и може да се излеат од калапот и да изгубат форма. Следно калапите ставете ги во рерна и печете околу 30-тина минути повремено проверувајќи ги.
Оставете добро да се изладат.


За декорација

Потребно:

5 белки од јајца
1 филџан шеќер
Сосем малку сол
1 коцка маргарин за готвење
3 кафени лажички екстракт од ванила или ванилин шеќер
2 филџани шарени трошки за украсување
10 Орео колачиња
Бонбони за украсување (по ваш избор)

Подготовка:

Наполнете 1/3 од тенџерето со вода со средна топлина и поставете го да зоврие.
Во еден сад измешајте ги белките од јајцата, шеќерот и солта. Додека мешате полијте ги со зовриената вода. Добро мешајте за шеќерот сосем да се растопи. Смесата матете ја со миксер неколку минути, прво на мала брзина, па на средна и на крај на висока.
Потоа миксерот вратете го на најмала брзина, и полека додавајте го маргаринот (исечкан на парчиња). Додајте го екстрактот од ванила. Продолжете со матење додека смесата не стане хомогена.

Во меѓувреме извадете ги мафините од калапите и секоја од нив намачкајте ја со направената смеса за декорација, само од страните (како што е е прикажано на сликата). Потоа „извалкајте“ ги во трошките за украсување, кои ќе се залепат без проблем благодарение на смесата.
Десетте тортички поставете ги на голем сад за послужување. Додајте на врвовите од преостанатата смеса за декорација, или пак додајте шлаг (тоа е ваш избор). Поросете со трошките за украсување врз секоја од тортичките.
За крај на декорацијата поставете по едно Орео колаче и неколку бонбончиња врз секоја тортичка.


Добар апетит!



No comments:

Post a Comment